East Gate Creators - Ненад Тортевски - Skopje East Gate
27.04.2021 - 09:14

East Gate Creators – Ненад Тортевски

Разговараме со Ненад Тортевски - дел од тимот на Skopje East Gate како Менаџер за известување.

МОЈАТА ФУНКЦИЈА ВО СКОПЈЕ ИСТ ГЕЈТ е менаџер за известување. Уште од студентските денови моите аспирации беа насочени кон професијата во која и ја започнав мојата кариера, ревизијата. Имав прекрасна можност уште од самиот почеток на мојата кариера да бидам опкружен со врвни професионалци во својата област, од кои секако научив премногу работи но и “украдов“ техники и вештини кои не можеш да ги прочиташ во некој учебник.

МОЕТО ДОСЕГАШНО ИСКУСТВО се базира на четиринаесет години поминати во светот на ревизијата. Јас сум овластен ревизор во РМ и пред да дојдам во Скопје Ист Гејт, повеќе од четиринаесет години бев дел од неколку ревизорски мрежи каде се здобив со богато искуство во сите области на финансиското работење, но и пошироко во разни области на делување на компаниите. Тоа мое искуство тековно го споделувам тука, каде што сум на позицијата Менаџер за известување. Тимската работа како основен столб за успешно завршување на секојдневните предизвици успешно ја практикувам и во Ист Гејт каде што активностите се движат со забрзана динамика од вообичаеното.

ЕДЕН МОЈ РАБОТЕН ДЕН се состои од работни задачи и активности кои се многубројни, но во кратки црти задолжен сум за тоа големиот број на податоци од сите сектори да ги направам читливи за корисниците, било во рамките на компанија или надвор од неа. Функционирањето на дневна основа во овој сектор е премногу динамично но и носи огромен предизвик.

ИСТ ГЕЈТ ЗА МЕНЕ ПРЕТСТАВУВА предизвик кој успеа да ме извлече од професијата. Како проект Ист Гејт е навистина импозантен како по својата големина така и по обемот на средства, време и труд кој треба да се инвестираат со цел истиот успешно да биде реализиран.

МOETO MOTO e ако можеш да сонуваш, тогаш можеш и да го оствариш тоа.

НИШТО НЕ Е ТЕШКО КОГА ќе ја најдеш работата што ја сакаш, бидејќи тогаш нема повеќе да работиш ниту еден ден во животот.

МОЕТО ХОБИ, ако може да се нарече “хоби“, е всушност посветеноста кон моето семејство. Преокупиран сум со активностите на моите деца и го користам секое слободно време да го поминам со нив. Секако сакам да посетам и места на кои не сум бил досега но и да уживам во природата и прочитам добра книга.